luni, 20 februarie 2012

Македонското црковно пеење пред нови искушенија

Благодарение на списанието „Утрински весник„ на 05.02.2012 објави едно мошне интересно интервју со господинот Јане Коџабашија за неодамнешната одлука на синодот на МПЦ.

Околностите се тие што Јане Коџабашија е мој вујко. Но надвор од овој аспект, во ова интервју се насочува вниманието кон еден многу важен проблем

Се надевам дека нема да ми биде замерено што ја превземав статијата од ова списание за да пренесам понатаму кон посетителите на мојот блог а кој не слушнале за овој проблем


http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C0D5C1FCC561204192E98D64C8DCE69C




05.02.2012, 18:31

Интервју: Несфатлива е одлуката за враќање на српското црковно пеење


„Има индикации дека некои од владиците сакаат одлуката на Синодот на МПЦ да се преиспита“, вели Јане Коџабашија, експерт за византиско црковно пеење

Тина Иванова


Вашиот реферат „Македонското црковно пеење пред нови искушенија“, кој го поднесовте на манифестацијата „Струшка музичка есен“ лани, како реакција на одлуката на Синодот на МПЦ за повторно враќање на српското црковно пеење во македонските црковно-образовни институции, беше проследен со долги и жестоки дискусии меѓу музиколозите, а се' уште наидува на реакции и текстот од рефератот кој го објавивте и на Вашата веб-страница. Се менува ли нешто во одлуката на Синодот на МПЦ, има ли некаков ефект од полемиките?


Видовте каква лавина од негодувања кај јавноста предизвика циничната изјава на портпаролот на Синодот на МПЦ: „... Ние не се раководиме од реакциите на експертската, уште помалку на пошироката јавност...“ Со вакви одговори и одлуки на Синодот не се согласуваат и црковни луѓе, но тие не можат гласно да го искажат своето несогласување. Со одлуката на Синодот на МПЦ не се согласуваат и учениците и студентите на црковно-образовните институции на МПЦ и нивните родители, но сите молчат од разбирливи причини. Јас како научен истражувач кој последните триесетина години му ги посветив на возобновувањето на македонското црковно пеење, имам морална обврска на јавноста да и' го соопштам своето мислење. Има индикации дека некои од владиците сакаат одлуката на Синодот да се преиспита.


Владиката Тимотеј неодамна за „Утрински весник“ изјави дека станува збор за нешто учено, но недоучено до крај, на прашањето каде ја гледа МПЦ логиката што во Средното богословско училиште се изучува српското пеење, додека на Теолошкиот факултет и српското и византиското. Значи ли тоа дека во Македонија нема квалификувани кадри за теоријата и практика на источно црковно пеење?


Недолично е еден владика така да се произнесува за универзитетски професор со докторска титула кој напишал огромен број црковни музички творби и цела Литургија по св. Јован Златоуст. Зад кој стојат 14 научни трудови по теорија и практика на црковното пеење од византиската традиција кои се присутни на балканските простори и многу пошироко, како и стотици наслови на текстови објавени на разни научни симпозиуми во републикава и надвор од неа, како и во многубројни домашни и странски списанија. Посветено работам и на тоа да не останам единствениот квалификуван предавач по теорија и практика на источното црковно пеење. Од моите пет последипломци на Катедрата по византолошки студии при Институтот „Евро-Балкан“, во овој момент најмалку двајца веќе можат да ме заменат на Богословскиот факултет каде што предавам. Патем, да споменам, дека минатата година во Струмица се одржа првиот Републички фестивал на црковно пеење од византиската традиција, на кој учествуваа голем број хорови. Сето тоа е резултат и на кадрите кои во изминатите осум години произлегоа од Богословијата, од Православниот богословски факултет, а секако и од семинарите по источно црковно пеење што ги држам во последниве 15-ина години.


Кога и на кој начин беше вратено македонското традиционално пеење, по колкав период од воведувањето на српското народно црковно пеење во македонските храмови и што се случи потоа?


Српското народно црковно пеење е воведено во македонските храмови на крајот од Првата светска војна, кога вардарскиот дел од Македонија потпадна под српска власт. Иако во 1944 година беше создадена македонската држава, а во 1967 година беше прогласена и самостојноста на МПЦ, српското пеење и понатаму остана официјално да се практикува во македонските храмови. На прагот на 90-тите години, со заживувањето на монаштвото во Македонија, во манастирите почна да се огласува и старото македонско црковно пеење. Синодот на МПЦ во целиот овој период беше колеблив посматрач на овие преродбенски процеси. Дури по 13 години од осамостојувањето на Македонија, Синодот на МПЦ донесе одлука за изучување на македонското црковно пеење. И покрај прикриените отпори кај еден дел од свештенството, црковното пеење од Светиклиментовото предание беше фанатично прифатено од младите псалти во голем број наши храмови. Но, од причини кои му се познати само на Синодот, по осум години, беше донесена несфатлива одлука за повторно враќање на српското црковно пеење.


И уште нешто за поширокиот круг на читатели. Која е разликата меѓу црковното пеење од македонско-византиската традиција и српското народно црковно пеење?


Византиското црковно пеење не е создадено од еден народ, ниту тоа може да му припадне на еден народ, како што сметаат некои недоволно упатени. Тоа произлегува од анонимната музичка практика на народите кои ја населувале огромната територија на Византиската империја. Во неговиот вековен развој од првостепена важност е улогата на Сириецот св. Јован Дамаскин (650-749), кој од големиот број музички скали т.н. гласови кои биле застапени во музичката практика на народите, направил избор од осум кои имале најширока примена. На тој начин, Дамаскин го создал Осмогласникот кој останал трајна универзална основа на источното црковно пеење кај православните народи се' до нашево време. Врз оваа основа од страна на учени луѓе се создавало и црковното пеење на територијата на Македонија.Но, црковното пеење во Србија имало сосема поинаков развој. Формирајќи се на периферијата на Византија, тоа пеење многу рано ги прекинало врските со византиското црковно пеење и продолжило да се развива самостојно како фолклорно пеење. Неуките псалти пееле онака како што знаеле и умееле и нивното пеење кое се пренесувало по пат на усно предание, најчесто не се разликувало од народното пеење. Во почетокот на 20 век, српскиот композитор Стеван Мокрањац (1856-1914) го запишал на ноти пеењето на псалтите од белградската околија, кое СПЦ го прогласила за официјално како српско народно црковно појање. Тоа е пеењето кое СПЦ го наметнала во македонските цркви на крајот на Првата светска војна и кое се' уште е официјално пеење на МПЦ.


Од кога почнавте да се занимавате со црковното пеење и кои беа мотивите да нурнете така длабоко во оваа музичка проблематика?


Многу рано дојдов до сознанија дека за истражување на нашето музичко минато и на црковното музичко наследство, потребно е да се научи византиската музичка нотација, зашто на таа нотација е напишано целокупното творештво на македонските композитори од 19 век. Со овие сознанија, почнав да работам на изучувањето на теоријата и практиката на источното црковно пеење. Веќе во следниот период бев во состојба сите свои дотогашни црковни творби напишани на европска нотација, да ги запишам на византиска нотација. Потоа следеа последипломските студии на Националниот музички универзитет во Букурешт (Романија), каде што магистрирав, а подоцна и докторирав на тема „Византиската музичка култура на територијата на Македонија во 19 век“ кај светски познатиот византолог проф. д-р Себастијан Барбу-Букур. Во процесот на возобновувањето на македонското црковно пеење од византиската традиција, кое почна доста стихијно, навлегуваа и елементи кои се туѓи на нашата музичка традиција. Единствена можна одбрана од оваа појава најдов во создавањето црковно-музички творби и нивното артикулирање според принципот на сродност со народната песнопојна традиција, кој е присутен кај сите народи кои го применуваат црковното пеење од византиската традиција.

За оние што ме знаат

Долго време размислував да создадам блог каде што, во прв ред, ке можат да ме идентифицираат сите оние што ме познаваат а немаат мои податоци за контакт. Се разбира, во прв ред им се обракам на пријателите, познаниците со кои сме изгубиле контакт бидејки сме распространети на различни места. Тоа е мотив за овој блог да биде напишан со македонска азбука ане латинична како обично тоа и се случува во повекето случаеви.
За почеток моите податоци за контакт се следниве:

Име и презиме: Коџабашија Игор
Дата и место на раѓање: 21.04.1970 Велес, Македонија
Место на живеење: Букурешт, Романија
податоци контакт:
kodjabashia.igor@gmail.com
Skype ID: kodiskype
Teлефонски број: 0040217722722

Доколку сте заинтересрани можете и да учествувате со разлини коментари на темите што ке бидат објавени на овој блог